Македонската репрезенација во хокеј на мраз викендов ќе биде дел од првиот мастерс-турнир во Измит, во организација на Хокеарската Федерација на Турција. Покрај македонските „лавови“, дел од ова натпреварување ќе бидат и домашните екипи на Истанбул, Гимиш Патенлер, и „осите“ на техничкиот универзитет во Истанбул, како и Динамо од Софија, Бугарија. Првата средба нашите лавови ја играат со Динамо од Софија, во сабота од 12,15 ч по наше време. Станува збор за ривал со кој нашите репрезентативци се сретнаа на турнир во Софија во февруари, кога со несреќно примени голови во финишот загубија со 5-3.
„Против Динамо имаме отворена сметка, во Софија минимално го изгубивме натпреварот во финишот, а особено јас имам горчливи сеќавања на средбата, промашив пенал на почетокот и две стопроцентни шанси, непосредно пред Динамо да стигне до водство“ вели Зоранчо Гриовски, кој е еден од поискусните играчи во нашите редови, „Сепак, да не заборавиме, Динамо тренира редовно и се натпреварува во Бугарска Б Лига – сето тоа што на нас ни недостасува во Скопје, тогаш како и сега ќе ни биде тоа првиот натпревар на турнирот, се надеваме бар еден тренинг да имаме пред стартот“ – Гриовски.
Нашите хокеари имаат поддршка и од турската федерација која има меморандум за соработка со македонската федерација, и посебно од г-дин Тарик Гочмен кој има потекло од Скопје и е активен тренер на младинските репрезентации во Турција. Како што информираат од нашиот табор, трошоците за превоз и ноќевање си подмируваат самите играчи, како и на претходниот турнир во Бугарија.
0 Kommentare