На хокеј никогаш не е досадно

Томислав Атанасовски, директор на хокеарска федерација
На хокеј никогаш не е досадно

На почеток само мажите ќе играат, бидејќи немаме покриено лизгалиште. Потоа и жените ќе играат хокеј.





Хокеј во Македонија? Чудно, ама вистинито. Неодамна во Спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје беше пуштено во употреба првото вештачко лизгалиште за хокеј и уметничко лизгање. Томислав Атанасовски е Директор на хокеарската федерација. Автор е на книгата „Научи да играш хокеј”, објавена во 2000. година. Вели дека хокејот е негов живот, филозофија, иднината на спортот во Македонија

Што за нас како држава која нема традиција во овие спортови значи отворањето на првото вештачко лизгалиште за хокеј?

Вака осмислено и претставено воопшто ништо не значи за нас и за широките народни маси, зашто:

1. Никаква замена за мраз не постои; 

2. Оваа најмалку; 

3. Не е можно лизгање на пластиката, тоа дефинитивно го потврдија и руските тренери со тоа што ги откажаа тренинзите на пластиката засекогаш;

4. За уметничко лизгање да не зборуваме.

Значи: нема лизгавост, стоиш во место, а лизгалките по само 2 минути лизгање се тапат, се деформираат од топлината произведена од ненормалното триење и се практично неупотребливи.

Од каде идејата за формирање машка хокејарска репрезентација?

Во 2000-та година се формираше Хокеарската федерација на Македонија. Кога дојде Бучковски премиер, ја укина федерацијата. Во 2006-та повторно ја активиравме. Идејата беше дадена од поранешните хокеари и преку СОФК на град Скопје и таму се одржа конститутивна седница.



Кои се амбициите со репрезентацијата за почеток?

Амбиции се дефинираат тогаш кога има минимални услови за тоа. Сега е време на докажување што е хокејот на мраз како спортска игра со сите негови убавини. Имам обичај да кажам дека сега настана третата фаза од развојот на хокејот кај нас. Првата беше од средината на педесеттите години на минатиот век па се до 1969, кога се изгради лизгалиштето на Кале и добивање на организација на Светското првенство во Ц група 1969 година. Периодот заврши во 1989 година кога згасна екипата на Макотекс. И, сега почнува третиот период, кој сум убеден, никогаш нема да заврши. Плановите почнавме да ги остваруваме. Формиравме четири клуба во кои учествуваат 40-тина хокеари. Цел ни е да одржиме лига натпревари и затоа потребни се 20 клубови за да се регистрираме во ИИХФ светската хокеарска федерација.

Дали постои интерес?

Секако дека има интерес. Зарем има некој што останува рамнодушен кога гледа хокеарски натпревар? Никогаш не е досадно на хокеј.

Кој е задолжен за стручниот дел и имате ли помош од странство?

Очекуваме и се надеваме на помош од странство. Веќе се направени потребните контакти. Во однос на вториот дел од прашањето, за стручниот дел сум јас надлежен.



Кога Вие лично почнавте да се занимавате со хокеј?

Со хокејот се запознав од 1958 година. Мојот чичко, Бошко Атанасов, студирал во Чехословачка и заедно со другарите играше хокеј во Скопје во клубот Скопје, а потоа во Вардар се до 1969, кога се прости од лизгалките. Ми ги предаде мене и заедно со Јанче Лековски и Филип Децковски станавме првите тројца кои тогаш почнавме да учиме хокеј на мраз.

Како се одвиваше Вашата кариера?

Одиграв околу 350 натпревари за ХК Вардар и репрезентацијата на Македонија. Студирав на Вишата школа за физичка култура во Скопје и ги водев подготвителните тренинзи во летниот период на екипата на Вардар, Потоа ја водев комплетната младинска школа на Вардар и во зимскиот период од каде што излегоа навистина одлични хокеари: Емил Белев, Миро Његач, голманот Лорен.

Во кој период од годината ќе се изведуваат тренинзи?

Тренинзи ќе се изведуваат нонстоп, без прекин, освен за време на годишните одмори во месец јули.



Дали за почеток само мажите ќе играат хокеј? Што е со жените?

Да, на почеток, бидејќи немаме покриено лизгалиште. Потоа и жените ќе играат хокеј.

Што е потребно, какви предиспозиции треба да има некој кој сака да тренира хокеј?

Основно е де се вљуби во оваа игра оној кој ќе сака да игра хокеј. Потоа е мошне важна возраста. Што порано тоа подобро. Околу 5-7 годишна возраст е најповолна за учење на вештините на хокеарската игра. Тоа е период кога детето почнува да ги формира основните моторни навики и умеења, тогаш почнува со процесот на образование, почнува да се развива организмот и слично.

Дали хокејот е скап спорт, колку чини опремата, како тече циклусот на подготовки?

Чудно, ама вистинито. Секогаш се поставува ова прашање. Кога си сиромашен се е скапо, хаха. Секој спорт е скап кај нас. Скап е, нема збор. Просечна опрема за еден хокеар е околу 1000 евра, за голман 3 пати повеќе. Помножете по колку хокеари играат, ќе ја добиете потребната бројка. Циклусот на подготовки е стандарден, идентичен како кај сите спортови. Натпреварувачката сезоната трае до средината на мај, потоа пост тренажниот период до крај на мај. Јуни е период на инлајн хокејот (на ролери). До август се започнува со подготовки за следната сезона. Ова е во нормални услови кога ќе постои затворена хала за хокеј. Сега, се е импровизација, во очекување на денот Д.

Kommentar veröffentlichen

0 Kommentare