50 ГОДИНИ ХОКЕЈ НА МРАЗ ВО МАКЕДОНИЈА
Чешко-скопската школа донесе успех
Скопје 21 февруари 2009 (МИМ)
Покрај изградбата на отвореното лизгалиште, на македонската хокеарската воденица одеше и фактот што повеќе семејства со македонско потекло (бегалци од егејскиот дел на Македонија) на крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години од минатиот век се вратија од тогашна Чехословачка. Нивните деца беа потковани хокеари, оти во таа земја хокејот беше, а и сега е во Чешка и во Словачка, национален спорт број еден. Чесите имаат 11 светски злата и едно олимписко злато, а Чешка е европска земја со најголем процент жители што играат хокеј.
- Моите два брата дојдоа во 1969 година, за да ги видат условите, а потоа сите се собравме во Скопје, каде што настапувавме до 1989 година - вели Ѓорѓи Грчев-Ирка, вистинска хокеарска ѕвезда од тоа време.
Покрај тие браќа (Ѓорѓи, Васко и Блаже), повратници од Чехословачка биле и браќата Аиновски (Васко, Павле, Христо), потоа Кочо Цветковски, Ѓорѓи Трпчевски, Стефче Ѕалев... Клубот почна да живее, млади почнаа да тренираат, а публиката го откри хокејот и ги полнеше трибините (капацитет 4.000).
- Како дете тренирав во Вардар во тие почетни златни години на хокејот. Со татко ми, пак, редовно одевме да гледаме натпревари на сениорите. Какво и да беше времето, тоа не нè спречуваше да се најдеме на трибините. Од тоа време уште ги паметам волшебните слики од лизгалиштето. Се возиме со автомобил низ густа магла како тесто. Ништо не се гледа. Како што се доближивме до лизгалиштето, тоа, осветлено, изнурка како вселенски брод. А натпреварите беа одлични, типични за хокејот, со многу атракција, но и „тепачки“, па и крвови. А навивавме здушно, ние верните следбеници, но главно роднински или тесно пријателски врзани. Во тие рани години немаше многу „неутрални“ гледачи, иако играта со плочката беше возбудлива - вели Александар Дамовски, некогашен хокеар.
МЛАДИНСКИ ВИЦЕШАМПИОНИ НА СФРЈ
Седумдесеттите години од минатиот век беа години на цутење, сениорите полека ги поставуваа темелите, а младите категории доаѓаа, но не без „компас“.
- Вардар во младинска конкуренција беше југословенски вицешампион во 1974 година, зад Крањска Гора - вели Ѓорѓи Грчев. - Опседнати бевме со хокејот. Се играше и на улица. Чешко-скопската школа, така да ја наречам, даваше одлични резултати. Јуниорски вицешампиони на СФРЈ не бевме случајно. Противниците не можеа од третина да излезат. Уште го паметам голот на Христо Аиновски во напнат меч со Крањска Гора, пред полни трибини на Кале, навивачи со знамиња... - се надоврзува Христо Џинлев, еден од т.н. втора генерација, израсната во Скопје.
Во таа втора генерација се и Радомир Страдал, Томи Атанасовски, Јанче Лековски, Емил Белев, Коста Тарабунов, Љупчо Трајковски, Филип Децковски, Миро Његач, Рагулин, Ристо Ковачевски, Томи и Звонко Николови, голманите Сашко Чупевски, Драган Стојковиќ, Лорен Глигоров... Во третата е Влатко Атанасов, кој заедно со Ѓорѓи Грчев и денес е активен, оти првиот игра во Франција, а вториот во Чешка и во Бугарија.
- Младите стигнаа и се играше сосема добро и редовно, во сениори, младинци, јуниори... Имаше потенцијал. Вистинска еуфорија беше во 1970-тите години. „Вриеше“ од деца. Таа втора генерација беше и најсилната, сите со просек 18-20 години. Опрема имаше од ЧССР, а Вардар почна да ја негува традицијата на подготовки во странство. Првпат се отиде на подготовки во 1970 година во Френштад. Со тие чести патувања научивме и чешки јазик. Се сеќавам, се враќаме од Чешка од подготовки, кај нас уште базените работат, а ние доаѓаме со голема опрема и ни се чудеа што се враќаме од подготовки на мраз. Беше сериозно во тоа време, имаше спонзори. За спорт многу се даваше и се толерираше, особено во училиштата. Примавме и хранарина, а подобрите играчи имаа и плата. Приход имаше и од влезници. А стадионот полн, 3-4 илјади гледачи. Студи, минус 10 степени, но нема проблем. Тензии на меч, па и тепачки... Хокеј, со еден збор - вели Атанасов, кој од 1982 до 1988 играше за Босна, а од 1988 до 1992 во Партизан.
СЛАВНИ ТРЕНЕРИ ОД ЧЕШКА РАБОТЕА ВО СКОПЈЕ
Успехот не дојде случајно, оти со одличен план, покрај младите Македонци од ЧССР, беа донесени врвни стручњаци од таа земја.
- Јан Радич, тогаш 58-годишен, и Коминек ни беа тренери. Радич во тоа време беше помошник во репрезентација на ЧССР, кога освоија сребрен медал на ЛОИ 1968. Тој беше тука две години. Направи одлична организација. Сите го паметиме. Имаше остар поглед. А знаеше да ни подвикне: „Але, цо то је, антихокеј“. Кога големите го видоа тоа, Партизан го зеде Радич и знаењето почна да го пренесува кај нив. Сепак, од добри и квалитетни тренинзи се создаде добра екипа. Згора, ние, да речам домашните играчи, научивме многу од хокеарите што се вратија од ЧССР, па во врвот и ги стигнавме со квалитет - вели Џинлев.
0 Kommentare