Ед Јовановски – професионален хокеј играч


Едвард- Ед Јовановски, роден на 26 јуни 1976 во Виндзор, Онтарио, Канада, е канадски професионален хокеј играч со македонско потекло, кој игра во Националната Хокеарска Лига.

Неговите родители Коце и Лилјана Јовановски во 1973 година го напуштиле родното Јегуновце - Тетовско, преселувајќи се преку океанот по подобра заработувачка.

Во Виндзор, со посредство на нивниот роднина и соселанец Бранко Цветковски, изградиле нова куќа. Во бракот имаат два сина: Далибор и Едвард, двајцата спортисти, продолжувајќи ја спортската традиција на татка си, на стрикото Бранко, но и на семејната лоза во целост. 

Тие двајцата, пред да се преселат, играле фудбал за „Југохром“, а потоа преминале во „Љуботен“, Тетово. Татко му на Ед, Коце, бил во првата постава на „Љуботен“, а стрико му Бранко меѓу резервните играчи.

Едвард во Македонија, во Јегуновце бил само еднаш, во 1985 година, и тоа како дете. Неговата сопруга Кристл е Канаѓанка, а со неа има две ќеркички.

Едвард беше избран од страна на тимот на „Флорида Панери“  во НХЛ драфтот во 1994 година и се појави во завршницата на плејфот на Стенли Купот со „Пантерите“ во 1996-та.

Познат по неговото мазно лизгање, напаѓачкиот жар, лидерството на и надвор од мразот, како и силни удари со тело. Јовановски беше „трампан“ во 1999 во тимот на Ванкувер. Сега тој игра за „Феникс Којоти“.

Неговите достигнувања вклучуваат учество во Олимпискиот тим на Канада од 2002 година, кој се закити со злато во Солт Лејк Сити, тимот од 2004 на Светскиот Шампионат и тимот од 2005 кој учествуваше на Светското Хокеарско Првенство. Беше избран да игра и за тимот на Канада на Олимпијадата 2006, но мораше да се повлече пред да започне турнирот поради повреда на бутината. Во неговиот прв натпревар по повредата тој постигна еден гол и го заврши натпреварот со два поени.

Во 2005 година, Јовановски беше предмет на документарен филм снимен од македонско-канадскиот режисер Бил Јанков, насловен „The Late Bloomer: Ed Jovanovski“ (македонски: „Доцниот цветач: Ед Јовановски“) којшто ја истражува неговата кариера, семејна трагедија и неговата приврзаност со неговото македонско наследство.

„Едвард, или како го викаат на телевизија Ед, е мојот внук“, изјави пред десетина години за „Утрински весник“ бабата Горица Јовановска, тогаш 80-годишна, која заедно со својот сопруг Стојко, исто така 80- годишен, живееја во родното Јегуновце, единствени останати во селото. Од нивните четири деца - двата сина се заминати во Канада, а двете ќерки Симка (сега Веселинова) и Лилјана (Ѓорѓевска), имаат свои семејства и живеат во Скопје. 

„Јас и сопругот ги следиме преносите на телевизија, за да си го видиме внукот. Онака како што е облечен и со „стап“ во рацете, е ист како и другите, но единствен е во презимето- Јовановски“, изјави тогаш Горица.



Kommentar veröffentlichen

0 Kommentare