Хокеарите викендов тренираа во Софија, каде што договорија пријателска со Бугарија, а во преговори се и за тест-меч со Турција
Македонската репрезентација во хокеј на мраз викендов беше гостин на Бугарската хокеј-федерација во Софија, каде што тренираше во софиската сала „Зимски дворец“. Во Софија е договорена и понатамошна соработка на двете федерации.
- Одлично бевме пречекани во Софија од Бугарската федерација, одржавме тренинг и се договоривме за гостување на бугарската репрезентација во Скопје на отворањето на новото лизгалиште зад салата „Борис Трајковски“ - вели Томислав Атанасовски, тренер на репрезентацијата на Македонија.
Во меѓувреме, до отворањето на новото лизгалиште, хокеарите имаат кондициски тренинзи со руските тренери Алексеј Сасин и Андреј Ајгинин, кои се дојдени да работат со репрезентацијата.
- Соработката со руските тренери е добра, веќе ги запознаа играчите и ги одржаа првите тренинзи.
Навистина е одлично за македонскиот хокеј и спорт воопшто, што такви стручњаци работат кај нас - вели Атанасовски.
Играчите, исто така, се задоволни од новите тренери.
- Руските тренери се големи професионалци и уште од самиот почеток бараат доста на тренинзите, навистина си ја знаат својата работа - вели македонскиот репрезентативец Дарко Илиев.
Хокеј-федерацијата на Македонија се наоѓа во преговори и со турската федерација за гостување на нашата репрезентација во Истанбул, каде што би одиграла пријателски меч, во рамките на подготовките на домаќинот за Светско првенство во хокеј на мраз, Трета дивизија. Во план е потоа и возвратно гостување на турската репрезентација во Македонија.
0 Kommentare