50 ГОДИНИ ХОКЕЈ НА МРАЗ ВО МАКЕДОНИЈА (4)
Лебедова хокеарска песна на Скопје Макотекс
Скопје 23 февруари 2009 (МИМ)
Хокеарската бајка во Македонија траеше во текот на 70-те години и до средината на 80-те. По младинската вицешампионска титула на Вардар во СФРЈ во 1974 година, уследи стагнација. Во почетокот на 80-ите тимот стана прволигаш, но поради административна грешка не му беше дозволен настап во елитата. Сепак, по долгото играње во втората лига, во 1985 година се стаса до Првата лига, но сега како ХК Скопје Макотекс.
Тој клуб во меѓувреме се реоформи, оти ХК Скопје во 60-ите години се преименува во Вардар, па така ова обновување беше како негово “воскреснување”, а тоа беше помогнато од тогашниот моќен спонзор, фирмата “Макотекс”. Играчите од Вардар полека заминаа во ХК Скопје.
- Фирмата беше финансиски моќна, но и со желба за успех. Во тие години беа донесени врвни играчи. Се почна со голманот Андреј Хебар од Љубљана, а беа донесени и Чесите Схеибал, Мец и Миклошевич - вели Христо Џинлев, некогашен хокеар.
Со овие засилувања, плус старата “скопска” гарда, се направи силен тим, кој никого не респектираше. Уште се паметат средбите во Скопје, но и победите и на гости, како над силната Крањска Гора.
- Пред самото распаѓање Крањска Гора ја победивме 10-7 на гости, а Медвешчак со 11-6, па Ц. Звезда дома со 17-1 - се сеќава Мирче Јаневски, кој беше економ на тимот од 1980 до 1988 година и ги има записниците од средбите.
Но, условите стануваа сè полоши. Од хокеј не можеше да се живее. Луѓето полека почнуваа да си бараат работа. Така се слабееше тимот.
- Лизгалиштето и по 15 години остана недопокриено. Така, ние 2-3 месеца трениравме на мраз, а другите по седум-осум, па и девет месеци. Сакал-не сакал, со текот на годините, колку и да имаш квалитет, ќе паднеш во форма. Попусто одевме на подготовки во Чехословачка, кога пред тоа имавме пауза од шест месеци - вели Влатко Атанасов, еден од најталентираните хокеари од тоа време.
По 30 години хокеј, македонската игра на мраз тргна по надолна линија.
- Имавме напредок, имавме тим, имавме играчи, и домашни и од тогашна Чехословачка. Но, македонскиот хокеј се растури поради немање пари, а дотогаш, до 1988 година, игравме во Првата лига. Распадот многу тешко го примивме. Сите практично нагло престанаа да играат, освен еден-двајца. Во тоа време немаше многу пари во хокејот, сите се фативме со некоја работа и сè замре - со горчина во гласот вели Ѓорѓи Грчев-Ирка, вистинска хокејарска ѕвезда од тоа време.
Таа 1988 година младинците на Вардар не отпатуваа на две гостувања, во Сараево и во Белград, па на сениорите им беше изречена суспензија.
- Пред средбата со Партизан, во Скопје, и тоа половина час пред почетокот, ни стигна телеграма дека сме суспендирани. Белграѓани, сепак, излегоа на терен, одигравме пријателски меч и на тој начин престана да се игра натпреварувачки хокеј во Македонија - објаснува Грчев.
0 Kommentare