50 ГОДИНИ ХОКЕЈ НА МРАЗ ВО МАКЕДОНИЈA - Хокеј на замрзнато Мавровско Езеро

50 ГОДИНИ ХОКЕЈ НА МРАЗ ВО МАКЕДОНИЈA
Хокеј на замрзнато Мавровско Езеро, во училиштен двор...

Скопје 20 февруари 2009 (МИМ)
Мраз, лизгалки, пак, палка, шлем, опрема тешка и над 10 килограми, полни трибини, возбуда, „бодичек“, „кросчекинг“, були, исклучувања, игра и зад голови, без аути, летачки измени, плочка што лета со брзина над 150 километри на час...
Сево ова и многу повеќе е хокејот на мраз, спорт што одамна не се игра во Македонија, но и спорт што годинава слави два убави, но одбележува и еден „црн“ јубилеј. Пред 50 години се одигра првиот натпревар во Македонија, а пред 40 години се одржа Светското првенство во групата Ц, во Скопје, кога беше отворено и сега единственото лизгалиште во Македонија. За жал, пред 20 години, хокејот како организиран спорт во Македонија, замре.

СЕ ПОЧНА ВО 1959 ГОДИНА
Идејата за хокеј во Македонија се јави пред половина век, кога беше формиран Хокејскиот клуб Скопје. Според извештаите од тогашна „Нова Македонија“, за основач се смета Трајко Трпчевски. Само неколку недели подоцна, на 1 март 1959 година, бил одигран првиот промотивен натпревар.
Во тоа време немаше игралишта за хокеј и лизгалишта воопшто, па хокејарите на Скопје се поделија на два тима и првиот меч го одиграа на замрзнатото Мавровско Езеро. Ова е интересен податок и за загрижените за глобалното затоплување - езерото било замрзнато на 1 март!
Пред околу 200 гледачи, дојдени од Гостивар, Тетово, Маврово и од фабриката во Јегуновце, средбата заврши нерешено, 9-9. На овој пропаганден натпревар на Мавровското Езеро настапиле Душко Мијовски, Д. Николовски, Љ. Дупјачановска, С . Стоилковски, К. Петровски, Д. Митевски, К. Русев, Н. Шалварино, Коле Ставровски, Мито Донев, Лазо Шуманов, Максим Дикановски, Миле Чемков, Методија Рибаровски, Геле Ристанчев...

ПОЛЕЈ ВОДА И ЧЕКАЈ
Првиот натпревар во С копје, пак, се одиграл во 1962 година, на импровизирано игралиште. Студените зими во тоа време беа искористени така што на игралиштето на тогашното Основното училиште „Иво Лола Рибар“ била пуштена вода и оставена преку ноќ
да замрзне.
И во тоа време постоел само ХК Скопје, па повторно играчите се поделиле на два тима и, овојпат пред поголема публика (1.000 гледачи), ги претставиле убавините на овој „замрзнат“ спорт.
- Едноставно, полевавме вода и чекавме да замрзне. Тоа беше во 1962 година, кога направивме ревијален натпревар. Но, генерално, немавме никакви услови. Се играше кога ќе замрзнеше водата, во Маврово, на Езерце во Градскиот парк во Скопје, во некој училиштен двор... - се сеќава Мици Станишевски, тогашен хокеар, а подоцна сојузен судија.
При ниски температури се играло, покрај на езерце во Градскиот парк, уште и на ракометното игралиште на гимназијата „Браќа Рибар“ кај Црвен крст... И, сето тоа на ист ентузијастички принцип - полеј вода, чекај да замрзне и играј.
БЕЗ С ВОЈ ТЕРЕН, БАВЕН Е РАЗВОЈОТ
По ова, во следните 10 години, хокејот во Македонија бавно се развиваше. Отежнатите услови не го спречија ХК Скопје да учествува во лигите на тогашна СФР Југославија. Тој клуб своите
домашни мечеви ги играше во Белград. Од тоа време, во 1959 година, се и некои резултати, објавени на спортските страници на „Нова Македонија“ - порази од Авала со 0-21, од Загреб со 3-17, од Цеље со 5-13...
Во 1965 година, на пример, хокејарите на Скопје учествуваат во Источната зона од државното првенство. Победува Спартак од Суботица, пред Војводина од Нови Сад, Скопје, Панчево, Бечеј и Младост од Сремска Митровица.
Клубот секоја година одел на турнири во Белград, на игралиштето „Ташмајдан“.
- Играа екипи од Суботица, Нови Сад, од Сисак, па за три дена се одигруваше цел турнир. Во тие години постоеше некакво лига-натпреварување, но во првенствата сериозно се впуштивме дури откако беше изградено игралиштето во Скопје - вели Станишевски.
Од таа прва македонска хокејска генерација, покрај Станишевски, биле и Трајко Трпчевски, Здравко Малкиќ, Бошко Атанасов...

Kommentar veröffentlichen

0 Kommentare