50 ГОДИНИ ХОКЕЈ НА МРАЗ ВО МАКЕДОНИЈА (2)
СП во Скопје - почеток на златното хокејско доба
Скопје 20 февруари 2009 (МИМ)
Во средината на 60-тите години од минатиот век градот Скопје ја доби организацијата на Светското првенство во хокеј на мраз, Ц-група (трета светска лига). За потребите на првенството во втората половина на седмата деценија на минатиот век почна изградбата на лизгалиштето под Кале. Со тоа почна и раѓањето на квалитетниот македонски хокеј, кој имаше свое златно доба во следните две децении, со кулминација во средината на 80-тите години.
„Нова Македонија“ од тоа време известува за текот на градбата и за завршувањето на, како што го нарекувале „ледениот стадион“, пред самиот почеток на првенството, кое се играше од 23 февруари до 1 март 1969 година.
Такво какво што го знаеме сега лизгалиштето, такво било и тогаш, иако и во тоа време имало најави дека веднаш по завршувањето на СП ќе се заврши и отвореното лизгалиште ќе се претвори во затворено, за да не зависи неговата работа од надворешните временски услови.
- Животниот сон на сите генерации скопски хокејари, да се изгради барем покрив на лизгалиштето, остана неостварен. Тешко е да се одржи високо ниво, ако се тренира на мраз само 2-3 месеца - се сеќава еден од најдобрите македонски хокејари, Влатко Атанасов.
СКОПЈЕ - НАЈЈУЖЕН ДОМАЌИН НА СП
Вака, отворено, „ледениот стадион“ стана куриозитет, оти стана најјужното отворено лизгалиште во Европа. Згора, Скопје стана најјужниот домаќин на едно СП во хокеј на мраз. Сето тоа беше мало чудо, оти за 10 години се стигна од играње на замрзнато вештачко езеро и по езерца во паркот во Скопје, до организација на СП.
- Бевме многу среќни кога се направи лизгалиштето. Ние, хокејарите, бевме ангажирани на тоа СП во сите сегменти, како записничари, водители, судии за казни... Организацијата беше супер - вели Мици Станишевски, во тоа време активен хокеар, а подоцна сојузен судија.
На новото лизгалиште првиот натпревар го одиграа два белградски тима, на 21 февруари 1969 година. Партизан го победи ОХК Београд со 15-1 (3-0, 4-0, 8-1).
СП почна два дена подоцна, а играа репрезентациите на Јапонија, Бугарија, Данска, Швајцарија, Унгарија и Холандија. Првенството го следеле 70 новинари, постоел за тоа време современ прес-центар, се водела комплетна статистика за стрелците, асистенциите, исклучувањата...
Првите две места во третата мундијалска лига ги освоија Јапонија и Швајцарија со по осум бода и се пласираа во Б-групата. Зад нив се пласираа Унгарија со шест бода, Холандија и Бугарија со по четири, а последна била Данска без бодови.
Интересно, од овие репрезентации денес во најсилната група на светскиот хокеј се Швајцарија, Унгарија и Данска, па Скопје некако им доаѓа како отскочна штица.
ПОЧЕТОК НА ЕДНА ЖЕШКА ЉУБОВ
Во тој период, пред СП, ХК Скопје станува ХК Вардар, тимот продолжува да игра, но сега, конечно, по 10 години, на свој мраз. Така беа создадени идеални услови за почеток на една убава, хокејарска приказна.
Ентузијазмот од 60-тите, се претвори во жешка љубов во 70-тите и 80-тите години.
0 Kommentare