Наскоро болница, забавен парк и затворена хокејска сала во Аеродром

Годинава општината има значителен успех во поглед на инвестирањето или повеќе од 250 милиони евра инвестиции и изрази надеж дека следната година ќе бидат една од општините која ќе има најголем број инвестиции, поради нејзината атрактивност и местоположба, истакна Коневски

Градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски, пред повеќе стопанственици и потенцијални инвеститори, главно од градежни и проектантски фирми, одржа 3Д видеопрезентација на можностите за инвестирање во оваа локална самоуправа за 2011 година.
- Сакаме да ги презентираме сите инвестиции во Општина Аеродром за годинава и сите можности за инвестирање во 2011 година. Исто така, сакаме поблиску да ја доближиме општината до инвеститорите и да ги отвориме вратите за нив, рече Коневски.

Тој потсети дека годинава општината има значителен успех во поглед на инвестирањето или повеќе од 250 милиони евра инвестиции и изрази надеж дека следната година ќе бидат една од општините која ќе има најголем број инвестиции, поради нејзината атрактивност и местоположба.
- Во нашата општина има најголема можност за инвестирање. Донесени се повеќе од 20 ДУП-ови, а даваме и поволни услови, комуналната такса инвеститорите ќе може да ја плаќаат на рати, рече Коневски, кој образложи дека во Општина Аеродром најмногу инвестиции има и може да се инвестира во градежништвото, во изградбата на станбени и деловни простории, како и во изградба на хотели, трговски центри, спортско-рекреативни центри и додаде оти има можности и за инвестирање во болница.

Исто така, Коневски рече дека е задоволен од динамиката на проектите, во поглед на градењето во цела општина.
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Златко Калеников, истакна дека со оваа презентација Општина Аеродром на бизнисмените им дава можност да ги видат сите планови за инвестиции за следната година, Деталниот урбанинстички план и локациите кои се достапни за инвестирање. 

За време на видеопроекцијата инвеститорите имаа можност да видат повеќе детали за главните локации на кои е предвидена изградба на нови објекти, меѓу кои над 100 семејни згради и станбени објекти со десетина деловни објекти и комерцијални комплекси, резиденциски и административни објекти, болница, хотел, повеќенаменска сала, забавен парк, затворен базен, затворена хокејска сала и други објекти. 

Kommentar veröffentlichen

0 Kommentare