СТИВЕН СТАНКОВ -МАКЕДОНСКИОТ ВЕЈН ГРЕЦКИ
Новата хокеарска ѕвезда има македонски корени
Подготви: Дејан Буѓевац и Лилјана Ристова
Стивен Стамкос
Роден: 7 Фебруари, 1990
Место на раѓање: Маркхам, Онтарио, Канада
Висина: 1.85 м.
Тежина: 86 кг.
Позиција на играч: Центар
НХЛ клуб: „Тампа Беј Лајтнинг
НХЛ прв драфт играч за 2008 година
Професионална кариера: клуб „Тампа Беј Лајтнинг“ од 2008 -
Негов прекар: Стамер
Омилен НХЛ тим: Торонто Мејпл Ливс
НХЛ играч: Алекс Овечкин
Хокејарски удар: Од „зад грб“
Омилен гест после даден гол: Со стегната тупаница на една нога
Видео игра: НХЛ ‘08
Филм: „Сеќавање на Титаните“
ТВ шоу: „Ридот со едно дрво“
Актер: Дензел Вашингтон
Книга: „Да се убие подбивливата птица“
Веб страна: Facebook.com
Музика за расположение: Техно песни
Храна што ја готви: Палачинки
Спорт (освен хокеј): Бејзбол
Активности вон теренот: Дружење со пријателите
Играчка со која израснал: Мини-палки
Место за Шопинг: „Холистер“ во Флорида
Место кое би го посетил: Доминиканска Република
Стивен Стамкос, новиот Вејн Грецки во американско-канадската хокеарска лига, има македонски корени! Веќе неколку години, младиот 19-годишен Стамкос, е еден од најголемите ѕвезди во најпрестижната хокеарска лига во светот. Станува збор за можеби, моментално најталентираниот млад хокеар во светот, кој игра на позицијата центар и кој минатата година како прв пик на драфтот во НХЛ-лигата, ги засили редовите на познатиот американски клуб „Тампа Беј лајтнинг“. Телевизијата Ти-Ес-Ен, за време на својот директен пренос од драфтот, го претстави Стамкос како „прв канадски Македонец што станал прв пик на драфтот по дефанзивецот Ед Јовановски, кого во 1994 година го избра Флорида пантерс“.
Така со Стивен Стамкос се зголеми за уште едно име македонската колонија во НХЛ-лигата. Како најуспешен се смета Ед Јовановски со потекло од Тетовско, кој во досегашните 12 сезони, сега 31-годишниот хокеар, забележа вкупно 397 поени (109 голови и 288 додавања) во 821 меч, а со Канада има освоено златен медал од „ЗОИ 2002“ во Солт Лејк Сити и две сребра од мундијалите во Австрија 2005 и во Канада 2008. Како играчи со македонско потекло во северноамериканската професионална хокеарска лига треба да се споменат и Јосе Теодор (најдобар голман и МВП во 2002), Мајк Зигоманис, Стив Стајос, Крис Коцопулос, Алек Стојанов и Стив Гацос. Меѓу официјалните лица со македонско потекло е и Стив Ставроф, поранешен сопственик на „Торонто Мејпл ливс“. „Се надевам дека и Стамкос ќе направи се' за да се гордеат сите канадски Македонци со своите идни успеси во НХЛ“, ќе напише Јон Јанеф, спортски колумнист на локалниот весник „Кинг сентинел“ од Онтарио.
Така, покрај веќе етаблираните хокеарски имиња со македонско потекло како Ед Јовановски и Мајк Зигоманис, сега се појави и името на Стивен Стамкос.
МАКЕДОНСКИ КОРЕНИ За бројната македонска заедница во Канада, особено во Торонто, Стивен Стамкос е вистински јунак. Тој е роден на 7 февруари 1990 година во Маркхам, Онтарио, каде и го заврши средното католичко училиште “Браќата Андреј”. Неговиот татко, Крис Стамкос, е припадник на првата генерација македонски иселеници родени во оваа прекуокеанска земја, а потекнува од селото Алона во околината на Лерин, од Егејскиот дел на Македонија, односно дедото на Стивен, Крсте Стамков и баба му Велика, потекнуваат од Леринското село Арменско. Мајка му Лесли е Шкотланѓанка која се доселила во Торонто. Татко му Крис Стамкос (Ристо Стамкос) е роден во Канада, што го прави Стивен втора генерација на Македонци родени во оваа земја.
Инаку, татко му Крис долги години бил аматерски хокеар и повеќе пати играл за репрезентацијата на Канадско-македонската лига, каде што бил еден од најдобрите играчи, но никогаш не успеал да стане професионален хокеар. Но, сепак својата голема љубов према хокејот успева да му ја пренесе на својот син, така што Стивен веќе на двегодишна возраст години застанал на лизгалки, а своите први чекори во овој најпопуларен канадски спорт ги прави на тепихот во дневната соба.
По кратко време, татко му го запишува во локалниот хокеарски клуб, каде што веднаш бил забележан неговиот несекојдневен талент. Почнува да игра во јуниорската лига за клубот „Маркам Ваксерс“. Играл рамо до рамо со познатите Мајкл Дел Зото (рангиран 15ти) и Коди Хоџсон (рангиран 9ти).
Во 2006-07, Стамкос беше награден со „Боби Смит Трофеј“ како најдобар школски играч во „ОХЛ“ (Онтарио Хокеј Лига) и како „играч кој најдобро ги комбинира високите стандарди на играта“. Исто така, во 2007 година тој беше избран и како втор најдобро пласиран стартер во лигата“. Беше избран и како прв драфт играч во 2006 на лигата по постигнатите 105 гола (105-92-207) за јуниорската екипа на „Маркхам Ваксерс“. Еден негов удар кон голот на противникот за време на еден натпревар во 2007, бил виден од 100.000 посетители на „You Tube“.
Пол Титаник, првиот тренер на Стамкос, се уште се сеќава на малото талентирано момче: “Кога другите деца учеа да лизгаат, Стивен веќе леташе по мразот”.
Прашан во едно интервју за „Инсајд хокеј“, какво потекло има презимето Стамкос, Стив кусо одговарил - „македонско“. На прашањето кое му е омилено македонско јадење, ќе одговори: „Македонците и Грците се доста блиски, па имате суфлаки, ориз и грчка салата и тоа секогаш ми е добра храна“. Како играч кого многу го цени, го истакнува познатиот руски хокеар Алекс Овечкин од „Вашингтон Капиталс“. „Многу ми се допаѓа начинот на кој Овечкин игра, бидејќи тој ја користи својата брзина и своето тело на начин, на кој, тој креира исклучителна игра на мразот“.
На прашањето доколку би можел да вечера со било кои тројца луѓе, Стамкос изјавил дека би ги избрал Тајгер Вудс, Вејн Грецки и своите родители. Инаку на новинарско прашање со кој спорт би се занимавал ако не е хокејот, тој кратко изјави „Кога не би играл хокеј, би играл професионално бејзбол“.
По успешната хокеарска аматерска кариера во градот Сарниа, во Онтарио, Стамкос во 2008 премина во тимот „Тампа Беј лајтнинг“ од Флорида, избран како прв на драфтот за таа година. Истата година со „Тампа Беј“ потпиша договор кој до 2011 година ќе му носи годишна плата од 875 илјади долари, односно вкупно околу 2,5 милиони долари, но со бонусите за секоја успешна игра, таа цифра би можела да достигне и 10 милиони долари. Според Брајан Лотон, еден од највлијателните луѓе во НХЛ лигата, „Стивен е посебно и исклучително талентиран хокеар и не ме чудат споредбите со Сидни Крозби. Тој е навистина мошне зрел за свои години“.
Според спортските медиуми во САД и во Канада, за ваквиот професионален договор и останатите профитабилни маркетиншки договори, придонесоа и неговите игри на минатогодишниот Светски шампионат за младинци во Чешка, каде што Канаѓаните го освоија првото место. Беше еден од двајцата играчи родени во 1990 година кои играа за екипата на Канада на ова првенство. Стамкос со својата игра помогна Канада да стигне до првото место, постигнувајќи шест поени во седум утакмици, вклучувајќи гол и асистирање во четврт-финалната утакмица против Финска.
Оваа година заигра и за сениорската репрезентација на Канада, во која беше еден од најуспешните играчи. На Светското првенство во Швајцарија оваа репрезнтација го освои сребрениот медал, а Стамкос постигна седум гола со што стана најефикасен играч на првенството, колку што постигнаа и неговиот соиграч Џејсон Спеца, како и Финецот Нико Капонен. Во финалето одиграно во Берн, репрезантацијата на Канада загуби од Русија со 2:1. Исто така, со четирите асистенции, тој беше петти во категоријата „голови плус додавања“, заради што медиумите го избрал во идеалниот тим на самиот мундијал.
Како млада ѕвезда, 19-годишниот Стамкос веќе се појави и во рекламите за брендовите како „Најк“ и познатиот швајцарски производител на часовници, „Тисо“.
Стамкос дава изјава за медиуми
ПРОФИ КАРИЕРА За „Тампа Беј“, Стамкос дебитираше против „Њу Јорк Ренџерс“ на 4 октомври 2008 година, во Прага, Чешка. Својот прв поен го заработи кога асистираше за голот против „Мејпл Ливс“ на гостување во Торонто, на 28 октомври. Ова имаше посебно значење за Стамкос, бидејќи тој самиот е од околината на Торонто, и како млад навивал за овој тим.
По несигурниот старт, во втората половина неговата игра стануваше се поквалитетна, и својата прва професионална сезона како хокеар на „Тампа Беј“ ја заврши 23 гола на 79 натпревари, и имаше уште толку асистенции, што му го донесе третото место по успех, меѓу оние кои ја играа својата прва сезона во Националната хокеј лига (НХЛ). Неговиот успех беше уште поголем, поради фактот дека тој е еден од ретките хокеари на кои тоа им успеало на 18-годишна возраст. Стамкос уште поуспешно ја започна втората сезона, со 11 гола постигнати во само дванаесет игри, ако се земе во предвид неговата прва сезона во која постигна 23 гола и 23 асистенции во 79 утакмици. Молневитиот успех го донесе 19-годишниот Стамкос на четврто место во целата НХЛ-лига.
0 Kommentare